Не еден, туку два сона за остварување има Шварцман како мотив пред дуелот со Ноле

Аргентинскиот тенисер Диего Шварцман синоќа се избори за пласман во првото финале на Мастерс турнир, откако по голема борба и повеќе од три часа натпреварување, го победи Денис Шаповалов од Канада.

„Многу тежок меч. Денис играше многу добро и агресивно. Во третиот сет двајцата игравме за финале и за влез во Топ 10 на АТП-листата. Имаше многу нервоза, а на крајот јас ги искористив моите шанси“, вели задоволно победникот од маратонскиот меч во полуфиналето во Рим.

Иако Шварцман играше три часа и 13 минути во полуфиналето и нема ни 18 часа до почетокот на финалето против Новак Ѓоковиќ, Аргентинецот е оптимист.

„Имам два сона за остварување. Првиот е да освојам титула на значаен турнир, а втората е да влезам во Топ-10 на АТП-листата. Знам дека ќе биде многу тешко, но морам да дадам повеќе од 100 отсто во финалето. Нема да кажам дека е невозможно, но знам дека ќе биде многу тешко. Сепак, шанси постојат“, рече Шварцман, кој за првпат е дел од финале на мастерс-турнир.

 

- Оглас -

Најнови вести