Не им е денот – Потоп на аспирантите за ЛШ, падна и Хофенхајм

Хофенхајм претрпе пораз и тоа убедлив од Волфсбург и им се приклучи на аспирантите за пласман во Лигата на шампионите од сотанатите Топ-5 лиги во Европа, кои денеска редум ги губеа натпреварите што многу им значат.

Почна Валенсија со пораз од Еибар, продолжи Арсенал со дебакл кај Лестер, се приклучи и Севилја, која загуби од Жирона, а истото му се случи и на Хофенхајм во меч од 31. коло во Бундеслигата.

Волфсбург беше убедлив, славеше со 4:1, а мечот можеше да има сосема поинаков тек, ако Андреј Крамариќ погодеше од белата точка во 15. минута. Во тој момент Хофенхајм имаше предост од 1:0 со голот на Шалаи, но Хрватот го утна пеналот и работите тргнаа во лош правец за домаќините.

Вилијам израмни на 1:1 во финишот на првиот дел и потоа му се случи потоп на Хофенхајм. Вегхорст со два гола и Арнолд со еден погодок ја наполнија мрежата на Бауман за прв пораз во последните 7 меча.

Хофенхајм на три кола до крајот има 4 бода помалку од Ајнхтрахт Франкфурт во битката за позиции кои водат во ЛШ, а пред нив се и Баер Леверкузен и Борусија Менхенгладбах со по еден бод повеќе. Волфсбург се проби на осмото место веднаш зад Хофенхајм со бод помалку и има шанси за да се пласира во Европа Лигата.

- Оглас -

Најнови вести