Не им е сеедно на Албанците, немаат селектор и имаат лоши спомени од Андора

Албанија е фаворит на дуелот со Андора, но ќе гостува кај малата земја од Пиринеите во многу незгоден момент. Немаат селектор по отказот на Кристијан Панучи и имаат непријатни сеќавања од единственото гостување досега, пред 17 години, кога загубија со 0-2 во пријателски меч.

Албанските медиуми потсетуваат на оваа непријатна епизода, а истакнуваат дека националниот тим е во криза, што се потврди со поразот од Турција во Скадар на стартот од евроквалификациите.

Албанците играа слабо и во Лигата на нациите и завршија како последни во својата група од Сегментот Ц, а по поразот од Турција, му врачија и отказ на селекторот Кристијан Панучи.

Интересно, пред 17 години по поразот во Андора, отказ доби и тогашниот селектор Сулејман Демолари, па ситуацијата не е за потценување и сега. Во Ла Вела гостите од клупата ќе ги предводи тандемот Ервин Булку и Сулејман Мема, а тие се само како преодно решение додека не се најде селектор за подолг период.

Групата Х е тешка, со еден изразит фаворит Франција, потоа и одличната Турција и Исланд, па ако сакаат да се надеваат на пласман на ЕП во 2020 година, Албанците не смеат да кикснат.

Мечот ќе се игра вечерва, од 20.45 часот на истиот стадион „Андора ла Вела“ каде што во 2002 година Албанците беа поразени со 2-0 од домаќините.

 

- Оглас -

Најнови вести