Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Германецот Дитмар Хаман, упати провокација во пресрет на денешното премиерлигашко дерби во кое Манчестер сити го пречекува Ливерпул.
За многумина, а и според Јирген Клоп, Хосеп Гвардиола од Сити е најдобар тренер на светот, но Хаман не се согласува со тоа.
„Не ја разбирам фамата околу Шпанецот, има барем тројца тренери за кои мислам дека се подобри од него. Мурињо освои титули во четири различни земји и освои ЛШ со два различни клубови. Анчелоти истотака, неговиот биланс ќе биде уште подобар ако со Реал ја освои и шпанската лига. Третиот е Клоп. Тој на Ливерпул му донесе трофеи со ограничен буџет. За него играчите гинат, не сум сигурен дека играчите на Сити би го направиле тоа за Гвардиола“ – вели Хаман.
Популарниот Диди додаде и дека Клоп е мајстор за интегрирање на нови играчи во тимот и го наведе примерите на Жота и Луис Дијас за кои многумина се сомневале ако ќе се вклопат. Од друга страна, Сити потроши огромни пари за Џек Грилиш, а неговиот придонес во играта на тимот не е толку голем.