Не ме споредувајте со Шумахер, ништо не сум остварил

Шарл Леклер, вториот возач на Ферари, за брзо ги освои симпатиите во Формула 1 откако во оваа сезона се наметна меѓу најквалитетните возачи во шампионатот.

Во последните три трки, 21-годишниот Французин се најде на подиумот – победи во Белгија и Италија, додека во Сингапур изминатиов викенд заврши на второто место, веднаш зад клупскиот колега Себастијан Фетел. Леклер е возач каков што Ферари одамна немал, а јавноста дури се осмели да го спореди со легендарниот Германец и седумкратен светски шампион, Михаел Шумахер.

„Секогаш е убаво да слушнеш дека некој те споредува со икони во овој спорт, но јас имам само 21 година и уште ништо не сум остварил во кариерата. Не можам ниту да му се приближам на Шумахер и неговата кариера, прерано е да се прават такви споредби. Сè уште ја градам мојата кариера и се обидувам да ја збогатам. Дури кога ќе остварам половина од успесите на Шумахер, тогаш ќе може да зборуваме“, истакна Леклер.

Вториот возач на Ферари има 200 бода по 15 трки сезонава и ја дели третата позиција со Макс Ферстапен од Ред Бул. Претстојниов викенд од Леклер се очекува уште едно добро издание на руското Гран при кое ќе се одржи во Сочи.

- Оглас -

Најнови вести