Не може да игра тенис, па рекетот привремено ќе го замени со книги

Тенисот, како и останатите спортови, трпи последици од пандемијата со Коронавирусот. И таму сезоната е прекината и секојдневно се кројат планови за да се продолжи, а додека се бара идеално решение, еден од добро познатите тенисери одлучи рекетот да со замени со книги.

Имено, бугарскиот тенисер Григор Димитров, моментално 19-ти на АТП-листата, одлучи да се запише на престижниот Универзитет „Харвард“, каде што ќе започне курс по бизнис. Како што тврди тој, нема да му биде проблем бидејќи сака да учи.

„За неколку недели започнувам со курс за бизнис на Универзитетот „Харвард“. Отсекогаш сакав да си ја исполнам оваа желба бидејќи сакам школување, но никогаш немав простор целосно да се препуштам на учењето. Сега имам време да се занимавам со нешто ново и сосема различно од тенисот“, изјави Димитров.

Инаку бугарскиот тенисер одлучи да остане во Калифорнија, САД, додека трае пандемијата со Коронавирусот, каде што ја одржува формата и чека сезоната да продолжи. Како што е веќе познато, тенисот официјално е суспендиран до 13 јули.

- Оглас -

Најнови вести