Не може да помине коло на Спортска прогноза без некое чудо

Без добивки помина 25-тото коло на Спортска прогноза поради тоа што повторно се случи да има чудо, односно изненадување во кое веруваа многу мал број од 1.340 прогнозери. Победата на Анже на гости кај Брест ја предвидоа само 4,2 отсто од играчите во ова коло. Меѓу „чудните“ резултати може да се смести и триумфот на Вулверхемптон на гости кај Тотенхем. Во победа на Волците веруваа само 7,8 отсто од прогнозерите.

Најмногу поради овие два резултати може да се бара вината што најдобриот прогнозер Здравко во ова коло има 10 погодени од 13-те понудени средби. И овој викенд мораа да спасуваат дуелите кои доаѓаат како резерви затоа што двата меча од италијанското првенство беа одложени.

Како слаби прогнозери се покажаа и играчите кога се во прашање дерби-дуелите. Само 25 отсто очекувале да нема победник на Црвена ѕвезда – Партизан, а „иксот“ на ПСВ – Феенорд го погодија само 16 отсто. На победата на Реал Мадрид се израдуваа 31,3 отсто.

- Оглас -

Најнови вести