Не најде нов клуб, па реши да се пензионира – Манџукиќ со емотивна порака се прости од фудбалот (фото)

Марио Манџукиќ на 35 години одлучи да стави крај на богатата кариера откако во текот на летниот преоден рок не успеа да најде нов ангажман по завршувањето на соработката со Милан во јуни.

Кариерата ја заврши со 23 освоени трофеи и беше дел од златната генерација на Хрватска која стигна до големото финале на последното СП кое се одигра во Русија пред три години. Одигра повеќе од 500 натпревари и постигна 197 погодоци, додека во дресот на Коцкастите забележа 33 гола во 89 меча.

Со емотивна порака и објавена фотографија на „инстаграм“ од неговите први копачки во животот, Манџукиќ му кажа збогум на фудбалот.

„Драг мал Марио, додека ги облекуваш овие копачки, први во твојот живот, не можеш ни да замислиш што сé ќе оствариш во фудбалот. Ќе забиваш голови на најголемите сцени и во дресовите на најголемите клубови ќе ги освојуваш најголемите трофеи. Во дресот на најголемата гордост, хрватската репрезентација, ќе ги испишеш едни од најважните моменти на хрватскиот спорт. Ќе успееш бидејќи на својот пак ќе има многу луѓе кои ќе ти помогнат – соиграчи со кои ќе се бориш, тренери од кои ќе учиш, навивачи кои ќе те бодрат, семејство, менаџер и пријатели кои секогаш ќе бидат покрај тебе. На сите ќе им биде благодарен засекогаш. Пред сé, ќе успееш бидејќи ќе даваш сé од себе и на крајот ќе бидеш горд на тоа. Ќе жртвуваш многу, но ќе бидеш среќен поради тоа, а кога ќе дојде време да ги ставиш овие копачки во плакарот, нема за ништо да жалиш. Уживај, твојот голем Марио!“, напиша Манџукиќ на „инстаграм“, а потоа се присети на моментот од полуфиналето на Мундијалот во Русија, кога го постигна победничкиот гол против Англија за пласман во големото финале.

„Ако некогаш играш против Англија во полуфиналето на Светското првенство, биди концентритан некаде околу 109-тата минута“, додаде сега веќе хрватскиот ексфудбалер.

Во кариерата која му започна во Марсонија, Манџукиќ прво се прослави во дресот на Динамо Загреб, ги носеше уште дресовите на Волфсбург, Баерн Минхен, Јувентус, Атлетико Мадрид, Ал-Духаил и до крајот на минатата сезона Милан. Најуспешен беше како член на Баварците со кои ја освои Лигата на шампионите, додека со Бјанконерите беше четирикратен шампион во Италија.

- Оглас -

Најнови вести