Не прифати намалување на платата, па клубот го суспендираше до крајот на договорот

Унион Берлин го суспендираше напаѓачот Себастијан Полтер до крајот на неговиот договор за несолидарно однесување. Германецот е единствен член на бундеслигашот кој не прифати намалување на платата со цел да се ублажат финансиските загуби на клубот.

Полтер до 30 јуни ќе биде дел од екипата на Унион и ќе тренира со соиграчите, меѓутоа нема да учествува во преостанатите натпревари од шампионатот. Последниот негов настап беше во градското дерби против Херта изминатиот петок, кога ги одигра последните дваесетина минути од мечот.

„Една од клучните вредности на Унион Берлин е што формираме цврста заедница во која секој се грижи за секого. Себастијан е единствениот член од играчкиот кадар и стучниот штаб кој, за жал, не ја испочитува таа вредност, а за нас како управа тоа е разочарувачки. Во овие кризни времиња моја задача е да ја одржам кохезијата во клубот за да не наштетиме на нашите цели. Поради тоа, одлучивме да го отстраниме Полтер од играчкиот ростер за преостанатите натпревари, а оваа одлука стапува на сила веднаш“, изјави претседателот на клубот, Дирк Зинглер.

Полтер по вторпат во кариерата го облече дресот на Унион во јануари 2017 година, а оваа сезона запиша 13 настапи на кои реализира два погодоци и исто толку асистенции.

- Оглас -

Најнови вести