Не се чудете, неговиот победнички менталитет е неспоредлив

Ретко му се случува на Новак Ѓоковиќ да загуби четири сета во пораната фаза на еден голем турнир, но имаше оправдување во повредата на стомачните мускули, иако тоа не беше доволно за првиот светски рекет да се откаже од одбрана на австралискиот гренслем. Со многу мака го помина Фриц, а два дена подоцна и Раониќ, по што сите ги натера да се чудат како првиот светки рекет толку брзо закрепна и уште победува.

Нема сомнежи дека лекарскиот тим прави чуда само за да го одржи Ѓоковиќ здрав, но покрај тениските љубители кои не можат да разберат, Ѓоковиќ ги натера и неговите колеги исто така да се прашуваат како е можно да се жали на болки, а потоа да го земе рекетот во рака и со силата која му преостанува да најде начин како да победи. Тоа се прашуваше и неговиот голем ривал Рафа Надал, кој дури и се сомнева дека Ѓоковиќ е повреден. Секој има право на свое мислење, но ако се размислува рационално, симулирањето повреда за моментално најдобриот тенисер е малку апсурдно. Нема причина зошто би лажел бидејќи Ѓоковиќ цели да ја одбрани титулата, односно по деветти пат да ја земе во свои раце и да си го подобри сопствениот рекорд во Мелбурн.

Она што треба да се земе предвид е како Новак наоѓа начин да победи во ситуации кога нештата не се во негова полза, а тоа е неговата цврста состојба на умот, односно неговиот неспоредлив победнички менталитет. Тој менталитет го покажувал безброј пати, последен пример му беше финалето на Вимблдон против Роџер Федерер во летото 2019 година. Во најдолгото финале на неофицијалното светско тениско првенство кое се реши по пет сета, Ѓоковиќ се издигна од пепелта така што спасуваше две меч-топки и на крајот се радуваше на петта гренслем-титула во Велика Британија. Ситуации слични на оваа може да се набројуваат до бесконечност, кои очигледно се забораваат од страна на јавноста, која веднаш преоѓа во напад против Ѓоковиќ.

Таков менталитет го имаат само родените победници кои поминуват преку сè и на крајот стигаат до целта. А, неговиот е неспоредлив и несфатлив за повеќето, за кои Ѓоковиќ личи на машина, иако е од крв и месо како и секој друг човек.

ДОКОЛКУ ИМА ОД МЕНТАЛИТЕТОТ ВИШОК, НЕКА ИМ ПОЗАЈМИ ДОЗА НА ШАМПИОНИТЕ

Три порази едноподруго се учинок кој за Ливерпул не постоеше во изминатите неколку години, а сега англискиот првак се чини дека трпи слободен пат по високиот лет со кој достигна височини за какви што сонуваше 30 години. Црвените како да го загубија „убиствениот инстинкт“, тој претпознатлив менталитет кој Клоп со текот на годините го внесе во своите фудбалери и заедно „газеа“ сè пред себе.

Секако дека отсуството на Ван Дајк и тоа како влијае врз резултатите, го нема столобот на одбраната, па таа делува разнишано. Но, тоа не може да биде оправдување бидејќи останатите не играат на нивото кое се очекува од нив. Мане повеќе не е страв и трепет за противниците, Фирмино ќе блесне, па се губи, а исто така несфатливо е што се случува со Алисон Бекер, голманот кој се најде во идеалните 11 за 2020 година.

Се чини дека тактиката на Германецот е разоткриена, слабостите излегоа на виделина, па противниците максимално го користат тоа. Половина оправдување е отсуството на нивниот 12-ти играч, навивачите кои го прават „Енфилд“ да биде толку гласно и незгодно место за гостување. Тоа е последица од оваа чудна ковид-сезона, која, сепак, е еднаква за сите.

Доколку работите не се сменат на подобро што поскоро, одбраната на титулата во Премиер лигата ќе стане невозможна мисија, а доколку на Клоп и неговите избраници им недостасува победнички менталитет, нека се позајмат токму од „осомничениот“ прв светски рекет. За нивно добро, а и за наше добро, ние обложувачите кои речиси не составуваме тикет без победа на Ливерпул.

 

- Оглас -

Најнови вести