Не знаеш што имаш покрај себе сѐ додека не го изгубиш

Втора сезона во низа Реал Мадрид авантурата во Лигата на шампионите ја завршува уште во првата нокаут-рунда. Најтрофејниот клуб во елитното меѓународно натпреварување не ја мина пречката Манчестер сити, како што не можеше да го стори тоа против Ајакс во ланската сезона, иако Кралевите овојпат беа предводени од Зинедин Зидан на клупата.

Во отсуство на капитенот Серхио Рамос, одбраната на Реал не делуваше на потребното ниво, проследено со катастрофалното издание на Рафаел Варан и двата подароци за Граѓаните на Пеп Гвардиола. Сосема е различен епилогот од она на што Кралевите нѐ навикнаа во изминатите сезони, кога во дефанзивата диригираше Рамос, а нападот го предводеше Роналдо.

Откако Кристијано Роналдо го напушти „Сантијаго Бернабеу“, топ-8 фазата стана енигма за Реал, па може да се каже дека без Португалецот ништо не е исто во шпанската престолнина. Токму Роналдо е она што им недостасува на Кралевите во нокаут-фазата, каде што тој е најопасен, впрочем го покажа тоа против Лион.

Иако сегашната ѕвезда на Јувентус покажа дека е создаден да бомбардира во клучниот дел од натпреварувањето во ЛШ, се виде дека и нему му недостасува тим како Реал за да стигне до посакуваната цел. Од 2011 година Роналдо како член на Реал не пропуштил четвртфинале, а со Јувентус може само да сонува за топ 4 или пак евентуална борба за престижниот пехар.

И така се дојде до заклучок дека едно без друго не оди. Реал иако секогаш е меѓу првите фаворити во ЛШ, без Роналдо е екипа која може да се надигра, додека пак Португалецот кога не го носи белиот дрес. не може да го дофати трофејот со големите уши.

За него Серија А не е предизвик. Целта му беше од Бјанконерите да направи европски владетели, но се чини дека таа мисија ќе му остане неостварена. Роналдо ќе ја брка шестата европска титула со друг клуб, по најавите дека ова лето може да се пресели во Париз и да го облече дресот на Светците.

За останатите, битката продолжува. Од денес на програмата се четвртфиналните дуели во Лигата на Европа, два дена подоцна и Лигата на шампионите се враќа во полн ек со дуелот Аталанта – ПСЖ, па во наредните денови ќе следува европскиот фудбалски крем со скратено задоволство.

ФАВОРИТОТ СЕ ОПУШТИ ПРЕД ПЛЕЈОФОТ, А ТОА МОЖЕ СКАПО ДА СЕ НАПЛАТИ

НБА-лигата е во погон од последниот ден од јули. По повеќе од три месеци, најдобрите кошаркари на планетата трчаат по паркетите и го доигруваат регуларниот дел од сезоната. Костурот за плејофот е речиси комплетиран, останува да се дознае осмиот патник од Западот пред стартот на разигурувањата кои се закажани за 17 август.

Еден од фаворитите за титулата во оваа скратена сезона е ЛА лејкерс. Езерџиите го осигурија првото место во Западната конференција за првпат по една деценија пауза, но откако продолжи првенството, тимот на Френк Вогел не делува како да сака да стигне до тронот.

Лејкерси загубија четири од вкупно шест меча, односно имаат три порази во низа. Ваквата форма со сигурност може да ја наруши хармонијата во соблекувалната во пресрет на клучниот дел од сезоната.

Уште во првата рунда од плејофот Лејкерс ќе наиде на незгоден противник. Мемфис и Портланд се евентуалните противници на 16-кратниот првак, екипи кои може да приредат сензација доколку Џејмс не им одржи лекција на соиграчите да го подигнат нивото на игра.

Шампионските амбиции лесно може да им бидат скратени, па целиот труд во плејофот од претходно да пропадне во вода. Дополнителен притисок прават можните противници во потесниот круг, Клиперс, Денвер, Хјустон, па и Далас се заканите за Лејкерс од Западот, а не треба да се спомнува дека во евентуална битка за титула противници ќе им бидат Милвоки, Торонто, Бостон…

За Езерџиите остануваат два меча од регуларниот дел, тешка битка против Денвер нагетс и дуел против елиминираниот тим на Сакраменто кингс. Тука ќе се бара кревање на формата пред стартот на плејофот, а овие дуели ќе можете да ги најдете во некое од следните изданија на Полноќниот експрес, кој подоцна денес ќе се врати во понудата на Спорт Манија и Sport Life обложувалници.

- Оглас -

Најнови вести