Герет Бејл во последните неколку сезони има вртоглав пад во кариерата. Фудбалерот кој вредеше повеќе од 100 милиони евра и еден период беше еден од главните во играта на Реал Мадрид, сега е во очајна форма. Бејл беше даден на позајмица во Тотенхем, но и тренерот на англискиот тим, Жозе Мурињо, сè повеќе го губи трпението со Велшанецот.
Агентот Џонатан Барнет, кој го застапува Бејл, вели дека не може да објасни што се случува со неговиот клиент, но едно знае, а тоа е дека финансиски е обезбеден за до крајот на животот.
„Кога ме прашуваат што се случува со Бејл, јас само можам да им кажам дека тоа е играч кој освоил најмногу титули во странство од кој било друг играч од Велика Британија. Заработи многу пари и финансиски е обезбеден до крајот на животот“, вели Барнет.
Бејл како играч на Реал Мадрид во последните седум години заработи над 150 милиони евра. Сезонава како играч на Тотенхем, на неговото конто треба да „легнат“ дополнителни 15 милиони евра. Бејл има договор со Реал Мадрид до 2022 година, што значи дека и за следната сезона има загарантирано одлична заработувачка.