Нејмар мора да паузира три недели, ќе го пропушти и првиот меч на СП

Нејмар нема да се појави на подготвителните пријателски натпревари на репрезентацијата на Бразил, а се очекува да го пропушти и првиот меч на Мундијалот.

Докторот на Кариоките, Родриго Ласмар, рече дека Нејмар има повреда на листот на ногата поради која треба да паузира две до три недели. Дијагнозата е различна од онаа што клубот Сантос ја достави до Фудбалската федерација пред повикот на Нејмар во националниот тим.

Со отсуство од две до три недели, Нејмар би требало да биде подготвен за игра помеѓу 11 и 18 јуни. Напаѓачот на Сантос ќе ги пропушти двата подготвителни пријателски натпревари на Бразил за Светското првенство, против Панама на „Маракана“ на 31 мај и против Египет на 6 јуни во Кливленд.

Доколку се потврди оптимистичкото предвидување за две недели отсуство, Нејмар би бил достапен на два дена пред дебито на Бразил на СП против Мароко на 13 јуни. Пореално е Нејмар да се појави во второто коло против Хаити на 19 јуни.

Правилата за Светското првенство 2026 година предвидуваат дека конечниот список на состави мора да биде доставен на 1 јуни. Од овој датум па натаму промените се дозволени само во оправдани случаи на повреда или сериозна болест на играчот. Со оправдување од ФИФА, играчот може да биде заменет до 24 часа пред почетокот на првиот натпревар од првенството.

 

- Оглас -

Најнови вести