Нејмар со гол и асистенција го остави Бразил со перфектен биланс (Видео)

Петкратниот светски првак Бразил без многу проблеми со 2:0 славеше на домашен терен против Еквадор, во меч од јужноамериканските квалификации за пласман на Мундијалот во Катар следната година. Капитенот Нејмар беше вистински предводник на теренот и делуваше незадржливо за противниците.

Нејмар најпрво асистираше во 65 минута за погодокот на Ричарлисон, а потоа погоди во 90+4 минута од пенал за да ја потврди победата на домаќините. Ѕвездата на ПСЖ мораше два пати да го шутира пеналот, откако гостинскиот голман Домингеш прво успеа лесно да му го одбрани пеналот на Бразилецот, но по прегледувањето на снимката, ВАР системот откри дека гостинскиот чиувар на мрежата не стоел со едната нога на гол-линијата.

Во повторениот шут, Нејмар ја смени страната на шутирање и успеа да погоди. За капитенот на Бразил ова беше 65 репрезентативен погодок во 104 настап.

Бразил е убедлив лидер во квалификациите со максимални 15 бодови, пред Аргентина која има 11, а потоа следуваат Еквадор со 9, Парагвај 7, Уругвај 7, Колумбија 7, Чиле 5, Боливија 4, Венецуела 3 и Перу со само еден освоен бод. На СП во Катар место ќе изборат првопласираните четири селекции, а петата ќе игра бараж.

https://youtu.be/_x_bKbNFfXs

 

- Оглас -

Најнови вести