Некогашниот играч на Кожув се пожали дека српската полиција тренира строгост кон него (Видео)

Поранешниот НБА-кошаркар, но и некогашен член на Кожув, Ратко Варда, реши јавно да го објави вербалниот конфликт што го имал со српската полиција. Поради пандемијата со Коронавирусот, во Србија изминатиов викенд имаше полициски час, а Варда бил пријавен дека го прекршил законот.

Некој од соседите го пријавил Варда дека го перел автомобилот на улица, каде што не смеел да биде во тој момент. Тогаш пристигнала полицијата и започнал вербалниот конфликт.

„Полицијата тренира строгост. Кога малтретирањето ќе помине на повисоко ниво, кога по еден ден и уште еден ден седење во куќата, ќе решиш да ја отвориш гаражата и да го измиеш автомобилот, а во тој момент ќе се појават момци во сини униформи и ми пишуваат казна пред мојот дом, пред мојата гаража“, напиша Варда, кој во кариерата играл за Детроит пистонс, но и за шпанскиот гигант Реал Мадрид.

Од полицијата се со спротивно тврдење, дека Варда го миел автомобилот на сред улица.

„Никој не го малтретирал, дури ни казна не му е напишана. Само е опоменат веќе да не го прави тоа и да ги почитува мерките како и сите граѓани“, стои во пораката од полицијата.

Во Србија досега има 3.600 заразени од опасниот вирус, а 80 луѓе починале.

- Оглас -

Најнови вести