Некогашниот италијански напаѓач Алесандро Мели жестоко го критикуваше модерниот фудбал, по возбудливиот дуел од полуфиналето во Лига на шампиони меѓу Пари Сен Жермен и Баерн Минхен кој заврши 5:4. Додека многумина го слават овој натпревар како спектакл и еден од најдобрите во историјата на ЛШ, Мели изрази сосема поинаков став. Тој тврди дека фудбалот ја загубил тактичката рамнотежа.
Поранешниот играч на Парма, Сампдорија и Милан, своето незадоволство го изрази преку социјалните мрежи.
„Можеби ќе звучи како да одам контра ветерот, но овој фудбал, со ВАР системот и стилот кој се игра каде веќе нема одбрани, нема чување на играчи, ниту заштита на средниот ред, буквално ми се гади“, напиша Мели.
Според некогашниот играч, денешниот фудбал е насочен кон забава и се губи сржта на играта. „Знаете на кого овој стил на фудбал му се допаѓа? На телевизиите, коментаторите, на навивачите кои само сакаат да гледаат голови, а ништо не разбираат за играта. Денешниот фудбал стана како НБА“, анализира Мели.
Ова мислење на Мели наиде на многу спротиставени реакции, па потоа тој дообјасни. „Не реков дека попрво би гледал меч како Милан и Јувентус, отколку ПСЖ – Баерн. Секогаш би го избрал вториот меч. Само сакав да посочам дека со овој тренд каде веќе не постои одбрана, а правилата и ВАР системот влијае на секоја ситуација, ќе биде се почесто да гледаме мечеви каде резултатот ќе биде 7:5 или 6:6“, вели Мели, кој додава дека во минатото за еден погодок се работело многу понапорно.
„Некогаш беше тешко да се даде гол, едноставно требаше да се заслужи. Дури и најдобрите играчи мораа неверојатно многу да работат за секој посгитнат погодок. Денеска владее чувство дека секој напад може да заврши со гол. Тоа секако им помага на телевизиите да го продадат својот продукт, на клубовите да продаваат повеќе билети по неверојатно високи цени“, поентираше Мели, кој најдобрите денови од играчката кариера ги помина во Парма со која се радуваше на трофеј во Купот на Италија, како и на пехари во Куп на куп победниците и европскиот Супер куп. Тој има и два настапи за репрезентацијата на Италија.

