Нема криза за голманите – Пак ќе има екстремно скапи трансфери

За добрите голмани нема криза и повторно и на летниот трансфер пазар што се приближува ќе се потрошат огромни пари за ангажман на квалитетни чувари на мрежата.

Баерн подготвува речиси 100 милиони евра за ангажман на голманот на Барселона, Марк-Андре Тер Штеген, со што би го урнал рекордот за најскап трансфер на голман во историјата на фудбалот.

Баварците не успеаваат да се договорат со 34-годишниот германски репрезентативец Мануел Нојер, па сакаат да ја ангажираат неговата резерва во националната селекција, Тер Штеген.

Ова лето и Кепа Аризабалага ќе си замине од Челзи, а блиску до одлука да го ослободи голманот што е рекордер со трансфер од 80 милиони евра е менаџерот на сините Френк Лампард.

Тој е незадоволен од односот и претставите што ги прикажува Кепа, па речиси сигурно младиот Шпанец ќе си замине од „Стемфорд Бриџ“, а сега ќе чини многу помалку. Се проценува дека во Челзи би биле задоволни и со отштета од околу 50-на милиони евра, 30 помалку од цената што му ја платија на Атлетик Билбао пред две години.

Како што се одвиваат работите и Нојер ќе биде слободен да ја смени средината, бидејќи не успева да се договори со Баерн за продолжување на договорот. Иако има 34 години, Мануел е еден од најдобрите голмани на планетата, па и за него нема да биде проблем да оствари скап трансфер.

- Оглас -

Најнови вести