Неверојатно е што ѝ се случува во серија – Нема поголем баксуз од Симона Халеп кога игра во Синсинати

Малерите продолжија да си поигруваат со Симона Халеп на турнирот во Синсинати, еден од најбаксузните за двојната гренслем шампионка.

Романката мораше да се откаже поради повреда во второто коло на турнирот што е во тек, па Џесика Пегула без игра се пласира во осминафиналето на турнирот со награден фонд од 2,1 милиони долари.

Халеп не играше три месеци, па се врати на турнирот во Монтреал, што се играше непосредно пред стартот на натпреварувањето во Синсинати, и пак се повреди.

Турнирот што се игра во Охајо е еден од најмалерозните за Симона, а во Синсинати загуби три финалиња.

Во 2015 година Серена Вилијамс со победа од 6:3,7:6 ја спречи Романката да го крене пехарот, две години подоцна доживеа дебакл и пораз од 6:1, 6:0 против Гарбиње Мугуруза во меч за титулата, а и следната година немаше среќа и го загуби мечот за пехарот од Кики Бертенс со 6:2, 6:7, 2:6.

Халеп има две гренслем титули, а ги освои во Париз на Ролан Гарос во 2018 година и една година подоцна на Вимблдон во Лондон.

По повлекувањето од турнирот во Синсинати, изјави дека се надева дека ќе биде подготвена за настап на Отвореното првенство на САД , гренслем турнир што ќе почне на 30 август.

 

 

- Оглас -

Најнови вести