Нема поубав старт на сезоната во Серија А: Пандев гостува кај тимот со кој ги освои сите најзначајни трофеи

Горан Пандев израдува многумина кога пред десетина дена реши дека нема да ја заврши фудбалската кариера, туку ќе одигра уште една, последна сезона во дресот на Џенова. Со полни 38 години, Пандев ќе биде еден од најстарите фудбалери во калчото, но секако и еден од најискусните ако се знае дека ова ќе биде негова 18-та сезона во Серија А.

Популарниот Гранде Пандев во Џенова дојде во 2015 година, а претходно играше и за Анкона, Лацио, Интер и Наполи. Струмичанецот освојуваше трофеи со Интер, Лацио и Наполи, но сепак додека беше во Интер го достигна врвот на кариерата. Со Нераѕурите, во една сезона беше италијански, европски и светски првак.

Токму Интер е неговиот денешен ривал. Џенова гостува на „Џузепе Меаца“, а Пандев последната сезона во кариерата ја започнува на најсимболичен можен начин, во Милано, од каде што се започна пред точно 20 години. Во првиот меч од новата сезона во Серија А, Интер како актуелен првак ја пречекува Џенова. Во исто време (18:30 часот) ќе играат и Верона – Сасуоло, а од 20:45 часот се среќаваат: Емполи – Лацио и Торино – Аталанта.

Пандев не е најавен во стартниот тим на Џенова, но и минатата сезона се случуваше Горан да влезе од клупата за резерви и да направи разлика на теренот во корист на неговиот тим. Интер како бранител на тронот во Серија А, останува да биде меѓу фаворитите за висок пласман, но без неколку клучни играчи. Ромелу Лукаку го продадоа во Челзи, а Хакими во Пари Сен Жермен. Во нападот пристигна Един Џено, а на клупата седона Симоне Инѕаги.

Секако меѓу главните фаворити за скудетото е и најтрофејниот Јувентус, кој освои девет од последните 10 трофеи во Серија А. За висок пласман ќе се борат и Аталанта, Милан, Лацио, Рома со новиот тренер Жозе Мурињо, па ова е најава за интересна сезона во Серија А.

 

- Оглас -

Најнови вести