Нема услови за фудбал во Македонија – ФФМ го прекина првенството, Вардар остана без титула

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на вонредна седница донесе одлука сезоната 2019/20 дефинитивно да се прекине, што значи дека фудбал нема повеќе да се игра до стартот на нивата сезона.

Сè уште не е потврдено, но речиси сигурно е дека нема да се прогласи шампион, па Вардар ќе остане без титула. Процесот на лиценцирање сè уште е во тек, а потоа ќе се одредат екипите кои ќе играат во европските купови.

Веќе е информирана и УЕФА за ваквата одлука, која се базира на зголемениот број заразени и починати од ковид-19 во последните неколку денови во Македонија.

„Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Комисијата за натпреварување за прекин на натпреварувачката сезона 2019/20 во ПМФЛ и натпреварувањето во Купот на Македонија.

Следејќи ја здравствената состојба во нашата држава, посебно во последните неколку денови и ситуацијата со позитивните тестови на вирусот ковид-19 потврдени кај неколкумина фудбалери од ФК Ренова и ФК Шкендија, потоа процесот на самоизолација од две седмици кои треба да го помине целиот тим на ФК Ренова, како и неможноста во вакви, вонредни услови, земајќи го предвид и ограничувањето на движење, клубовите да го продолжат тренинг-процесот пропишан во здравствениот протокол, Управниот одбор донесе одлука да ја прекине натпрварувачката сезона 2019/20 во Првата МФЛ.

Раководството на Фудбалската федерација на Македонија оваа одлука им ја соопшти и на службите во УЕФА, потенцирајќи ја состојбата во нашата држава од здравствен аспект и неможноста да се предвиди временската рамка во однос на евентуалното продолжување на првенството, односно со новонастанатата ситуација не може да се гарантира дека продолжувањето на националниот шампионат би имал регуларен тек.

Од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) истакнаа дека се исклучително горди на нашата „Куќа на фудбалот“, земајќи го предвид фактот дека ФФМ и покрај сите предизвици во изминатиот период, имаше цел да направи обид и да ја примени најдобрата опција за продолжување на клупското натпреварувања од Првата МФЛ за да се овозможи правилно, по спортска заслуга, продолжување и завршување на домашното натпреварувања“ соопштија од ФФМ.

 

- Оглас -

Најнови вести