Несторовски: Ја остваривме целта, победивме на двата меча и од натпревар во натпревар играме сè подобро

Напаѓачот на македонската фудбалска репрезентација, Илија Несторовски, смета дека фудбалерите ја остварија целта со двете победи изминатите пет дена. Фудбалерите во четвртокот со 2:1 ја совладаа Малта на стартот од квалификациите за пласман на ЕП 2024, а денеска во пријателски натпревар беше остварена минимална победа над Фарски Острови.

„Целта пред овој репрезентативен собир беше две победи, и тоа го остваривме. Ја победивме Малта, а денеска и Фарски Острови. Знаеме дека во денешно време нема слаби репрезентации, но ние покажавме дека сме поквалитетни од Фарски Острови и сега со позитивни мисли гледаме кон јунскиот циклус. Тешко е да се играат вакви натпревари бидејќи против вакви репрезентации не можеш многу да добиеш бидејќи цела нација очекува победа. Но, ние покажавме дека сме максимално сконцентрирани од првата до последната минута, игравме трпеливо, дадовме гол и победивме“, вели Несторовски.

Македонија квалификациите ќе ги продолжи во јуни, кога ќе игра против Украина во Скопје и против Англија на „Олд Трафорд“ во Манчестер.

„Најважно е сите да бидеме здрави до јунскиот квалификациски циклус. Оваа репрезентација од натпревар во натпревар игра сè подобро, на последните два натпревари остваривме две победи. Во јуни не очекуваат две квалитетни репрезентации, но ние сакаме да ја продолжиме победничката серија против Украина. Сконцентрирани сме само на првиот натпревар и ќе одиме на победа“, додава Несторовски.

- Оглас -

Најнови вести