Италијанските медиуми денес пренесуваат интервју со Илија Несторовски, кој не е во составот на репрезентацијата на Македонија за дуелите со Италија и Англија, но долги години настапува на Чизмата, а во моментов игра за второлигашот Асколи.
Тој ги предупредува Италијанците дека Македонија не е наивна репрезентација, а тоа го покажавме и на последните три натпревари против Италија, на кои немаме пораз, но вели и дека Македонија не е само Елмас.
„Вечерва ќе се соочите со цврста и компактна репрезентација, која добро се затвора во одбрана. Против Италија имаме позитивни резултати, на последните три дуели немаме пораз и сакаме таа серија да продолжи и вечерва. Елмас е нашата најголема ѕвезда, но да не го заборавиме и Миовси, кој игра одлично во Абердин, потоа херојот од Палермо, Александар Трајковски, одличниот Енис Барди … Веќе немаме шанси за првите две позиции и вечерва немаме што да загубиме против Италија“, вели Несторовски.
Италијанците го запрашаа дали планира и понатаму да игра за репрезентацијата на Македонија или веќе може да се каже дека е во пензија.
„Апсолутно не, моето поглавје во репрезентацијата на Македонија не е затворено. Планирам да се вратам во репрезентацијата, сè уште сум млад и имам што да дадам за екипата“, дополнува прилепчанецот.