Неверојатна драма во Битола: Ваков меч во мак-кошарката немало 15 години

Еуро Никел славеше на гостувањето во Битола против Пелистер во меч кој долго ќе се памти во македонската кошарка. Кавадарчани победија со 116:122 во меч на кој требаше да се играат неверојатни три продолженија. Последен пат во македонското кошаркарско првенство меч на кој морало да се играат три продолженија, немало речиси 15 години.

На 16 декември 2006 година играа Вардар Осигурување – АМАК кога гостите победија со 140:145. Вечерва имаше помалку поени, но голема беше неизвесноста.

Победата на Еуро Никел е двојно позначајна, ако се знае дека Пелистер во третата четвртина водеше и со 60:41. Дека гостите од Кавадарци нема да се предадат покажаа уште во таа трета четвртина, кога со серија од 23:5 стигнаа само на еден поен негатива во пресрет на последниот квартал.

Пелистер и во последната четвртина водеше и со шест разлика (82:76), но во последната минута беше 92:90, а Еуро Никел даде поени за 92:92 и ја најави големата драма во продолженијата. И во првите дополнителни пет минути Пелистер водеше со шест разлика (98:92), но гостите со серија од 6:0 стигнаа до израмнување, а потоа и до 100:100, за ново продолжение.

Иста беше приказната и во вторите дополнителни пет минути. Домаќините поведоа со 107:100, а потоа беше 107:107, па и 110:110. Конечно по 55 минути игра, односно повеќе од три часа откако мечот започна, Еуро Никел со подобра игра во третото продолжение стигна до победа од 122:116.

Во останатите мечеви кои се играа вечерва (обновено): Работнички – ТФТ 73:77, Вардар – МЗТ Скопје 2 85:79, Кожув – ФМП Академија – 77:84, МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар 93:76.

Табела (обновено): Пелистер 14 победи – 3 порази, ТФТ Скопје 11-4, Еуро Никел 10-6, ФМП Академија 9-8, Гостивар 9-7, Кожув 7-9, Куманово 8-5, МЗТ Скопје 2 4-12, Вардар 4-11, МЗТ Скопје Аеродром 7-4, Црн Дрим 1-16, Работнички 6-5.

- Оглас -

Најнови вести