Јаник Синер е елиминиран во второто коло на „Ролан Гарос“ и тоа на начин на кој никој не очекуваше и ова е пораз кој ќе го памети до крајот на животот.
Италијанецот имаше водство од 2-0 во сетови и убедливи 5-1 во третиот, беше сам на еден гејм од лесна победа, но токму тогаш претрпе сончаница и нагло му се влоши здравствената состојба.

Аргентинецот Хуан Мануел Серундоло го искористи тоа и направи пресврт, добивајќи го прво третиот сет со 7-5. Синер бараше лекарска помош, му се лошеше, имаше грчеви, одвај стоеше на нозе, се караше со судијката и го загуби и четвртиот сет со 1-6.

Тоа се случи и во петтиот, Серундоло го доби со 6-1 за најголема сензација во последните неколку години, додуша предизвикана од временските услови под кои потклекна прворангираниот тенисер на светската АТП-листа.
По елиминацијата на првиот носител и отсуството од турнирот на Карлос Алкарас, конечно некој трет тенисер ќе освои гранслем, а сега главни кандидати за титулата во Париз се Александер Зверев и Новак Ѓоковиќ. Најтрофејниот во историјата, Ѓоковиќ, има идеална шанса да го подобри рекордот по број на гранслем-титули и по 25-ти пат во кариерата да се закити со трофеј од четирите најголеми турнири.

