Невиден малер: Зајон се повреди на ден пред стартот на сезоната

Очекувањата на Њу Орлеанс пеликанс за успешен старт на сезоната драстично се намалија по малерозната повреда на нивниот прв пик Зајон Вилијамсон. Новото крило на Пеликаните го оштети менискусот од десната нога, по што веднаш замина на операција, а најавите се дека ќе отсуствува од шест до осум недели.

Повредата се случи само на еден ден од стартот на новата сезона, која ја отвораат токму Пеликанс на гостувањето кај актуелниот шампион Торонто репторс. Од Вилијамсон се очекуваше веднаш да биде лидер на оваа млада екипа иако е новак во најатрактивната кошаркарска лига во светот, а сега франшизата од Луизијана ќе мора да се снаоѓа без него во првите неколку натпревари.

Првиот пик на овогодишниот драфт ги оправда сите позитивни критики во текот на летната лига и претсезоната со неговите одлични настапи. Њу Орлеанс во октомври ги доби сите пет подготовки во кои 19-годишниот Вилијамсон бележеше просек од 23,3 поени и 6,5 скока по натпревар, со висока процентуална реализација од игра од 71,4% во четири одиграни меча.

Дуелот Торонто репторс – Њу Орлеанс пеликанс е прв на програмата во премиерниот ден од новата сезона во НБА-лигата, закажан е за ноќта меѓу вторник и среда во 02 часот, додека два и пол часа подоцна во „Стејплс центарот“ ќе се игра градското дерби меѓу Клиперс и Лејкерс.

- Оглас -

Најнови вести