Невидено – момчево за три сезони во НБА веќе има три титули

Торонто репторс за првпат во својата клупска историја стана шампион на НБА лигата, а можеби клучниот потег кој им помогна да го достигнат врвот на клупската кошарка, се случи зимоска кога го купија Патрик Мек Ко. Не дека Мек Ко имаше некаков голем придонес во плејофот, туку 23-годишното момче е среќлија – за три сезони во НБА, има три титули.

Лани и преклани Мек Ко беше член на Голден стејт вориорс, а летоска си замина. Кратко прејде во Кливленд кавалирс, а откако го ослободија од таму, потпиша за Репторс и со својата среќа, му помогна на канадскиот тим да освои титула.

Коби Брајант и Шекил О`Нил беа последните играчи кои имаа три титули по ред, но три титули во серија со два различни тимови, во историјата имале само Стив Кер и Френк Сол.

Титула во НБА немаат легенди како Чарлс Баркли, Карл Мелоун, Ален Ајверсон, Патрик Јуинг, Реџи Милер, Џон Стоктон, а Мек Ко кој е малку користена резерва каде и да игра (во годинешното финале играше само 12 минути и за Торонто придонесе со само три поени), веќе ги има три. Мајкл Џордан својот прв шампионски прстен го освои дури во седмата своја сезона, а Мек Ко во првите три сезони како професионалец веќе има половина од титулите на Џордан.

- Оглас -

Најнови вести