Невил: Ако Тотенхем со Мурињо ја освои Премиер лигата, тоа ќе биде аларм!

Освојување на премиерлигашка титула со Тотенхем, за Жозе Мурињо ќе биде најславната приказна во неговата кариера, а аларм за фановите на Манчестер јунајтед, смета Гери Невил.

Оваа сезона во Премиер лигата е интересна, речиси секое коло има нов лидер, а во моментов лидер е Тотенхем, кој на врвот не бил повеќе од шест години. Со Мурињо на клупата и разигран Хари Кејн на теренот, Спарс засега делуваат добро. Мурињо има три премиерлигашки титули со Челзи, но Невил, кој е легенда на Манчестер и сега работи како аналитичар, не верува дека Петлите од Лондон може да бидат прваци.

Тотенхем за последен пат беше првак на Англија во далечната 1961 година.

„Уште мислам дека тие нема да бидат шампиони, но се согласувам дека ако успеат, тоа ќе биде најневеројатната приказна на Мурињо. Такво нешто би било аларм за фановите на Челзи, Манчестер јунајтед и Арсенал. Би била прекрасна сторија бидејќи Тотенхем не е клуб кој освојува титули во лигата“, вели Невил.

Невил го пофали Кејн, за кого вели дека може да го запрат само повреди.

„Алан Ширер дефинитивно е најдобриот стрелец во историјата на Премиер лигата, најдобар со кого сум играл за Англија, а и Руни би го сместил тука некаде до него. Кејн има сличности во нив во смисла на менталитетот, професионалноста, студена глава, не се нервира кога ќе утне шанса. Англија е среќна што го има“, додава Невил.

- Оглас -

Најнови вести