Незапамтена криза за Ѓоковиќ, му се заканува сценарио кое го немало 18 години

Новак Ѓоковиќ со убедливи 3:0 загуби во финалето на Вимблдон од Карлос Алкарас и Србинот остана без ниту еден освоен трофеј во 2024 година. Најтрофејниот тенисер во историјата едноставно немаше шанса да му парира на 16 години помалдиот Алкарас, кој втора година по ред го крена трофејот на тревнатите терени во Лондон.

Ѓоковиќ најави дека негов најголем фокус за оваа година ќе биде освојување на златото на Олимписките игри во Париз. Токму тој блескав медал е единствен кој му недостасува на Новак во богатата ризница на успеси.

Останува дилема дали Ѓоковиќ ќе успее на Игрите во Париз, посебно ако се знаат неговите резултат во 2024 година. Србинот уште нема освоено ниту еден трофеј оваа сезона, нешто што многу одамна не му се случило.

Популарниот Ноле кариерата ја започна во 2003 година, а за првиот трофеј чекаше до 2006 година, на турнирот во Амерсфурт. Веднаш потоа беше најдобар и на турнирот во Мец, а потоа се проби во Топ 20 на АТП-листата.

Од таа 2006 година започна ерата на титули за Ѓоковиќ и секоја година освојувал барем еден турнир. Сепак, таа низа оваа година може да заврши затоа што најтрофејниот уште нема ниедна голема радост и пехар во 2024 година.

Ѓоковиќ во кариерата досега освои 98 титули, од кои 24 му се на гранслем-турнирите, а дури 40 на Мастерс 1000 серијата. Минатата година Новак освои седум трофеи, а рекордна му е 2015 година, кога триуфмираше дури на 11 турнири. Оваа сезона, неговиот биланс е 23 победи и седум порази, а единственото финале кое го играше е на Вимблдон.

- Оглас -

Најнови вести