Ни 50-те поени на Кари не беа доволни за победа на Голден стејт, Никс по 16 години славеше во Денвер

Феникс санс лесно го победи Голден стејт вориорс со 130-119 и покрај тоа што кај гостите блескаше Стеф Кари со постигнати 50 поени и седум тројки од 11 обиди.

Проблемот на Воините, кои сега имаат скор 6-9, беше што никој не му помогна на Кари, кој се изедначи со Ален Ајверсон со 11 меча на кои давал 50 или повеќе поени, со што се на делба на деветтото место на вечната листа.

Клеј Томпсон даде 19 поени и имаше лош шут од поле. Камерон Пејн, кој го замени плејмејкерот Крис Пол како стартер, со личен рекорд од 29 поени, Девин Букер со 27 и Мајкел Бриџис со 23 поени, беа најефикасни кај Санс.

Требаше Никола Јокиќ да не игра за Нагетс, па Њујорк никс конечно да ја прекине црната серија од 16 порази по ред на гостувањата во Денвер. Џулиус Рендл со свој сезонски рекорд од 34 поени беше предводник на Никс. За Денвер ова е прв домашен пораз сезонава, Јокиќ не играше бидејќи е во изолација поради ковид-19. Минатата сезона Денвер без Јокиќ имаше две победи и шест порази.

Бостон селтикс со осмата победа по ред, овојпат против Атланта, покажа зошто е прв на табелата во Источната конференција. Кливленд по стартот од 8-1, сега има пет порази по ред, загуби од Милвоки.

Тексашкото дерби помеѓу Хјустон и Далас им припадна на Рокитс, кои дури со 19 блокади, го запреа противникот кај кого не играше Лука Дончиќ. Словенецот одмораше, а неговите тимски колеги против Хјустон постигнаа само 92 поени. За Хјустон ова е само трета победа сезонава.

https://twitter.com/i/status/1593102578451030016

- Оглас -

Најнови вести