Никој не можеше да претпостави дека овие две тенисерки ќе играат во финалето на Ролан Гарос

Американката Софија Кенин и Полјачката Ига Швјонтек ќе играат во сензационалното финале на тенискиот гренслем Ролан Гарос во Париз. Во денешните полуфинални дуели, Швјонтек ја збриша Аргентинката Подороска со 6-2, 6-1, а Кенин беше подобра од Чехинката Квитова со 6-4, 7-5.

Пред две недели, кога почна турнирот, никој не веруваше дека овие две тенисерки ќе дојдат до финалето, но со игрите кои ги прикажаа, си ги заслужија местата и вистинска штета е што само една ќе може да се закити со гренслем-титула.

За четвртата носителка, 21-годишната Кенин, која е родена во Москва, а игра како Американка, ова е второ гренслем-финале годинава, но на земјена подлога не се очекуваше дека таа може да направи ваков успех. Швјонтек има 19 години, 54-та е на ВТА-листата и таа е втора најслабо рангирана финалистка во историјата на овој турнир. Швјонтек е прва по 13 години која до финале дошла без загубен сет и без тај-брејк.

Од 1939 година не се случило тенисерка од Полска да стигне до финале во Париз.

- Оглас -

Најнови вести