Кошаркарите на МЗТ Скопје го доживеаја најтрешкиот пораз во своите настапи во АБА лигата откако вечерва загубија со 120:67 од Партизан во Белград, а тренерот на Металците, Драган Николиќ, по натпреварот изјави дека поразот бил очекуван.
МЗТ Скопје со новиот пораз остана закован на дното на табелата во АБА-лигата само со две победи и 12 порази, и според тренерот Николиќ, важни се натпреварите кои им претстојат на Металците и во кои немаат право на грешка.
„Во името на МЗТ Скопје сакам да им се заблагодарам за гостопримството на сите во Белград, почнувајќи од Мега, која ни дозволи да тренираме во нивната сала во сабота. Дојдовме порано бидејќи веќе за два дена играме важен натпревар во домашното првенство, па потоа имаме и тежок натпревар против Будуќност. Во мое име сакам да им се заблагодарам и на навивачите на Партизан за дочекот.
За жал, не е сè добро бидејќи сакам да добар начин да го претставам и мојот клуб МЗТ, кој се врати во АБА по неколку сезони. Тоа е клуб кој има 20 титули, повеќекратен шампион на Македонија. Ќе дадеме сè од себе до крајот на првенството за да ја надминеме оваа ситуација во која се најдовме. До крајот нема да имаме ривали како Црвена ѕвезда и Партизан, каде што разликата е исклучително голема во однос на другите клубови.
Сè зависеше од Партизан, денеска погодија 13 од 17 тројки. Не мора јас да го фалам Партизан, тие самите говорат за себе. Клубови со 10, 20 и повеќе пати поголеми буџети губат со голема разлика. Не покажавме денеска ништо, но во следните натпревари нè очекуваат полесни противници. Ќе се обидеме до крајот да направиме сè што можеме.
Нема да биде лесно. Ни следуваат натпревари дома против посилни екипи и гостувања против послабите кои ќе бидат тешки. Ќе ни бидат потребни изненадувања дома и победи на гостувања кај три ривали, од кои еден мора да добиеме бидејќи во спротивно не ни се пишува добро. Верувам дека навивачите на МЗТ ќе ни дадат поддршка“, изјави Николиќ.