Кошаркарите на МЗТ Скопје денеска го доживеаја 17-тиот пораз сезонава во АБА лигата и тоа со 93:86 од Мега.
Металците беа подобри само во првата четвртина која ја собија со 27:22, во останатите три, ја бркаа предноста на Мега, но не успеаја да ја запишат петтата победата о останаа последни на табелата.
Тренерот на МЗТ Скопје, Драган Николиќ, смета лошите одлуки во нападот во второто полувреме, им пресудија на неговите кошаркари.
„Натпреварот беше квалитетен за гледање. Испадна дека во некои делови од играта сме понеискусна екипа дури и од најмладиот тим во АБА лигата. Во второто полувреме не дојдовме до „проектираниот“ број на поени. Со лошите одлуки во нападот успеавме да ја разиграме Мега.
Тогаш не функциониравме, најлош беше шутот за три поени, бидејќи имавме отворени ситуации и позиции од кои не погодувавме. Ѝ дозволивме на Мега да шутне 22 слободни фрлања за едно полувреме и да дава лесни поени како да се многу поискусни од нас. Тие и во продолжението имаа решение за одредени ситуации кои беа тешки. Во завршницата во неколку наврати ја казнуваа и нашата лоша комуникација.
Очекував нешто повеќе, ќе жалиме и за овој натпревар како и за некои претходни. Ѝ честитам на Мега за победата, а ние одиме понатаму, имаме три натпревари во Скопје и два на гости, па нема да престанеме да се бориме. Ова денес не е доволно за прва гостинска победа, очигледно играме доста поквалитетно во Скопје“, изјави Николиќ.