Николов: Ќе ни недостасува 12-тиот играч, чудно е да се игра без публика

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов, во пресрет на дуелите против Ерменија и Грузија во Лигата на нациите, смета дека Македонија е фаворит во групата 2 од сегментот Ц, каде Естонија е третиот наш противник заедно со споменатите селекции.

Сепак, таа улога треба да се докаже на терен, па затоа во сабота ќе се оди на триумф, кој ќе биде тежок да се оствари со оглед на тоа дека Рисовите ќе играат без поддршка од трибините.

„Имаме доста време до сабота да се подготвиме, иако се немавме видено цели 10 месеци. Оваа група веќе се знае меѓу себе, долго време работи заедно и затоа сметам дека сме фаворити во групата и ќе го докажеме тоа на теренот. Сите ние поминавме доста тежок период за време на прекинот на сезоната, а и сега ќе биде тешко да се игра под топлото сонце во 15 часот попладне, за кога е закажан мечот со Ерменија. Публиката многу ќе ни недостига, таа е нашиот 12-ти играч и ќе биде чудно да се игра пред празни трибини, но очигледно ќе треба да се навикнеме“, истакна Николов.

Дуелот Македонија – Ерменија е закажан за 15 часот во сабота, а ќе се игра на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести