Николов претставен во Лече: Мислам дека ми одговара тактичкиот фудбал во Италија

Македонскиот фудбалер Бобан Николов по потпишувањето договор со италијанскиот второлигаш Лече, денеска на прес-конференција беше претставен пред медиумите. Македонскиот плејмејкер рече дека не му било тешко да ја прифати понудата од Лече.

„Имаше интерес за мене и од Бреша, но го избрав Лече бидејќи е клуб со голема традиција, клуб кој речиси постојано е во Серија А, сега е во Серија Б и дојдов тука со амбиција да го вратиме тимот во прва лига. Се надевам дека мојата цел за оваа сезона ќе се оствари. Моите очекувања за оваа сезона се пласман во Серија А, гледам дека тимот има квалитет, ќе се обидам да помогнам во средниот ред, но мора да се бориме и да бидеме како фамилија“, рече Николов.

„Разговарав со Пандев, тој ми кажа многу убави зборови за Лече и среќен сум што сум тука, во клуб со богата традиција. Пред еден месец дознав дека се интересираат за мене и бев многу среќен, се надевам дека ќе останам тука долго време. Веќе имав тренинг со тимот, првите импресии се добри, гледам заедништво, подготвен сум да играм уште в недела, но одлуката е на тренерот дали ќе ме стави во игра. Верувам дека брзо ќе се вклопам. Не е важно кој ќе игра, важно е да се пласираме во Серија А“, смета нашиот репрезентативец.

Штипјанецот смета дека му одговара италијанскиот фудбал, каде штоима многу тактика и физички дуели.

„Себеси се сметам за борбен, агресивен играч, имам искуство, сум играл тешки натпревари. Го избрав дресот со бројот 16, сметам дека ми е среќен број, во репрезентацијата исто играм со 16-ка и со тој број сум имал важни победи, се надевам дека и тука ќе ми донесе среќа. Имам добар однос со Жута, пријатели сме, пиевме кафе, ќе ми помогне во прилагодувањето, и тој ми кажа добри работи за Лече“, заклучи Николов, кој ги информираше италијанските новинари дека идол му е Зинедин Зидан и дека досега никогаш не играл против италијански клуб.

 

- Оглас -

Најнови вести