Николов: Првпат сме трети, но малку и разочарани, можевме да бидеме и втори

Бобан Николов, кој беше стрелец на единствениот гол во победата над Израел, истакна дека живее за натпреварите во март, кога преку Лигата на нациите македонската репрезентација има шанса да се најде на завршницата на Европското првенство. За Николов и третото место е успех, но чувствува дека можеле да се најдат и на една позиција погоре ако не биле некои детали на домашните мечеви со Полска и Австрија.

„Успех е и третото место во групата, но малку сме и разочарани, можевме и до тоа второ место, но што да се прави. Што е, тука е. Оваа победа ни дава крилја и самодоверба за во март. Пред нас се четири месеци, искрено, живеам за тој ден, сонувам за пласман на Европско првенство. Најважно е да немаме проблеми, сите да бидат здрави, сите играчи се важни. Со играта заслуживме трето место, треба да поправиме некои ситници и детали кои одлучија за првите две места во групата. Никогаш за овие 30 години не сме биле трети, ние сме прва генерација со таков резултат, се надевам дека следниот циклус ќе освоиме второ место“, изјави Николов.

- Оглас -

Најнови вести