Ништо ново во Формула 1, нова трка и нова победа на Ферстапен

Актуелниот шампион Макс Ферстапен, ја продолжи доминацијата сезонава и славеше на трката за Големата награда на Британија која се возеше на легендарната патека „Силверстоун“.

Ова беше осма победа за возачот на Ред Бул на десеттата трка сезонава, а на останатите две трки славеше вториот возач на австрискиот тим, Серхио Перес.

Второто место го освои возачот на Мекларен, Ландо Норис, додека последното место на победничкиот подиум му припадна на седумкратниот Ф1 шампион, Луис Хамилтон од Мерцедес.

Возбудувањата на трката беа на самиот старт, Ферстапен кој ја имаше пол-позицијата, слабо стартуваше и тоа го искористи Норис да се избие на првото место. Сепак, Ферстапен во петтиот круг успеа да го претекне Норис и до крајот на трката не го испушти водството и славеше со речиси четири секунди предност пред Норис. Лоша трка имаа возачите на Ферари, Шарл Леклер и Карлос Саинс кои завршија на деветтото и десеттото место иако стартуваа од четвртата и петтата позиција.

Од четвртото до десеттото место се пласираа Оскар Пјастри од Мекларен, Џорџ Расел од Мерцедес, Серхио Перес од Ред Бул, Фернандо Алонсо од Астон Мартин, Алекс Албон од Вилијамс и двајцата возачи на Ферари, Леклер и Саинс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести