Ништо од Будуќност, Теодор денеска ќе потпише за Дарушафака?

Натурализираниот македонски плејмејкер Џордан Теодор денеска треба да потпише за Дарушафака, и тоа ќе биде негово враќање во земјата во која ги имаше најголемите успеси и земја на неговата сопруга. Пред извесно време се објави информација дека Будуќност е во преговори со Теодор, но до договор не дошло.

Дарушафака е подобра опција за Теодор, бидејќи тој сака да биде со сопругата Тугба и притоа да настапува во Евролигата. Двата услови се исполнети, веројатно и финансискиот дел го задоволува кошаркарот, кој утрово на „Твитер“ објави: „Добро утро. Денеска ќе биде прекрасен ден“.

Теодор има договор со Армани Милано, но не игра за тимот. Тој лесно може да добие раскин, но тоа ќе се случи откако ќе ги договори сите детали со Дарушафака. За него се интересираше и Галатасарај, но тој клуб не е евролигаш, а имаше и уште една пречка.

„Многу фанови на Галатасарај сакаат да одам во нивниот клуб и јас сум им благодарен за поддршката, но како може да одам во клуб кој на мојата сопруга не ѝ исплатил пари за освоен Еврокуп?“, порача Теодор.

- Оглас -

Најнови вести