Ништо веќе не е чудно со Ковид-19 – Тотенхем и Динамо си ги заменија улогите на домаќини

Аријан Адеми и Стефан Ристовски останаа последните македонски фудбалски мохиканци во Европа, а вечерва наместо во Загреб ќе играат со Динамо против Тотенхем во Лондон.

Иако на ждрепката за осминафиналето во Европа Лигата беше одредено Динамо да биде домаќин на првиот меч што ќе се игра денеска, УЕФА одлучи да дојде до замена, па од 21 часот вечерва ќе се игра на стадионот на Тотенхем во Лондон, а реваншот е на „Максимир“ на 18. март од 18.55 часот.

Тотенхем останува фаворит за пласман во четвртфиналето, но Динамо е опасна мина сезонава во Европа Лигата. Популарните Модри на убедлив начин и без пораз на шест меча го освоија првото место во фазата по групи во конкуренција на Волфсбергер, Феенорд и ЦСКА Москва, а потоа го нокаутираа и Краснодар со две победи, 3:2 во Русија и 1:0 во Загреб.

Адеми кој е капитен на тимот изјави дека го цени Тотенхем, кој има особено опасни напаѓачи и менаџерот Жозе Мурињо, но и дека Динамо има шанса во двомечот со фаворитот.

„Ми се допаѓа стилот на игра на Тотенхем. Опасни се во офанзивниот дел, а Кејн е исклучителен стрелец и играч. Се разигра и Бејл, а имаат уште неколку врвни индивидуалци, што ги предводи тренерот Мурињо, кој освојувал европски титули. Фаворити се, но Динамо веќе покажа дека знае да игра фудбал и дека не се плаши од никого. Верувам дека можеме да приредиме чудо во Лондон“, рече Адеми.

И тој и Ристовски се во конкуренција за место во почетната постава на Динамо, вечерва на „Тотенхем хотспур“ стадионот во Лондон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести