Мануел Нојер откри многу необичен детаљ поврзан со одлуката да го продолжи договорот со Баерн Минхен до 2027 година.
Легендарниот голман призна дека со месеци користел специјална „семафор-апликација“ која му помогнала да одлучи дали да ја продолжи кариерата или да стави крај на професионалниот фудбал.
Во разговор за официјалната страница на Баерн Минхен, Нојер објасни како секојдневно ја оценувал својата состојба користејќи систем со црвена, жолта и зелена боја.
„Симнав апликација слична на оние оценки на бензинските пумпи, каде што кликнувате црвено, жолто или зелено“, изјави Нојер.
Германскиот голман потоа детално објасни како функционирал неговиот систем.
„По секој тренинг и натпревар ги оценував тренинзите, настапите, како се чувствувам и дали сум среќен. Тоа беше како дневник“, раскажа Нојер.
На крајот, токму резултатите од тоа „тестирање“ го убедиле легендарниот голман да ја продолжи кариерата.
„На крајот, 90 проценти беа зелени. Тогаш тоа повеќе не беше одлука донесена според чувство, туку одлука заснована на многу информации што ги собирав со месеци“, рече Нојер.
Неговата одлука не беше едноставна, особено поради проблемите со повредите што го следеа во последните години.
Нојер во текот на февруари и март имаше две кинења на мускулните влакна на левиот лист, токму на ногата што сериозно ја повреди по несреќата на скијање кон крајот на 2022 година.
Поради тоа, не сакал да брза со конечната одлука.
„Ми требаше време, бидејќи ова е многу важна одлука и за мене и за клубот. Сега сум убеден дека ова е вистинската одлука“, порача капитенот на Баерн Минхен.
Нојер откри и кога дефинитивно сфатил дека сака да продолжи да брани.
„Пред две недели сто проценти знаев дека сакам да продолжам. И претходно имав чувство дека тоа ќе се случи, но имавме многу важни натпревари и фокусот беше на нив“, објасни голманот на Баерн.
Посебно му значела поддршката од соиграчите, кои сакале тој да остане дел од тимот.
„Многу ми значи што екипата сакаше да останам уште една година. Цело време ја чувствував нивната поддршка“, изјави Нојер.

