Најдобриот тенисер во светот, Јаник Синер ќе игра во финалето на мастерсот во Рим, откако по голема борба го победи Данил Медведев во меч кој траеше два дена. За Синер ова е 10 победа во 17-тиот меч против Медведев, а петта во низа.
Во првиот сет Синер лесно со 6:2 стигна до водство од 1:0, но потоа почнаа проблемите за Италијанецот кој се пожали на повреда. Потоа заврна дожд и мечот беше прекинат, па денеска продолжи.
Медведев го доби вториот сет со 7:5 и израмни на 1:1 во сетови, но Русинот сепак немаше сили за комплетен пресрврт. Во решавачкиот трет сет, Синер беше подобар со 6:4 и се избори за место во финалето каде ќе игра против Каспер Руд.
Со пласманот во финалето, Синер го повтори минатогодишниот успех, но сега ќе се обиде да стигне и до првиот пехар во Рим. Доколку успее да триумфира против Руд, Синер ќе комплетира „Златен Мастерс“, односно ќе има трофеј од сите Мастерс турнири. Ако тоа му успее, ќе биде најмладиот во историјата со таков подвиг. Синер има 33 победи по ред на Мастерс турнирите и тоа веќе е нов рекорд.
BACK IN THE FINAL 🔥🇮🇹
Sinner defeats Medvedev 6-2 5-7 6-4 to become the first Italian since Pietrangeli (1957-58) to reach back-to-back Rome finals!#IBI26 pic.twitter.com/0XCJOIj7eh
— Tennis TV (@TennisTV) May 16, 2026
Италијанскиот тенисер игра перфектно сезонава и веќе има 28 победи на сите турнири на кои играше. Против Руд, Синер ќе се бори за 29-тата АТП титула во кариерата. И Руд досега нема титула во Рим што значи дека и тој ќе има посебен мотив во неделното финале.

