Нојер и Тер Штеген не сакаат да се видат, во директен дуел ќе докажуваат кој е подобар

Натпреварот помеѓу Барселона и Баерн Минхен за многумина треба да покаже дали Роберт Левандовски е подобар од Лионел Меси и заслужува да биде играч на годината, но иако не се во фокусот, и голманите ќе имаат интересна битка. Иако се сонародници, Мануел Нојер и Марк Андре Тер Штеген не се сакаат, некогаш не се ни погледнуваат, а причина е љубомората околу стартното место во репрезентацијата.

Интимните непријатели, како што ги нарекуваат, јавно се препукуваа. Нојер од Баерн смета дека заслужено е број 1 на Германија, а Тер Штеген мисли дека е во подобра форма и тој заслужува да го брани голот на Панцерите. Нојер за националниот тим има 92 настапи, Тер Штеген само 24, од кои 14 на пријателски средби.

„Јас сум најдобар германски голман. Кој селектор или тренер не би сакал најдобриот да брани за неговиот тим?“ – изјави Нојер.

Од Баерн дури и се заканија дека ако не брани Нојер, нема да им дозволат на нивните играчи да играат за Германија. Одговорот на шест години помладиот Тер Штеген беше дека е разочаран што одличните партии во Барса не му донесоа заслужено место во „Елф“, но дека ја почитува одлуката на селекторот, колку и таа да не му се допаѓа.

Посебни мотиви ќе има и Артуро Видал. Чилеанецот е екс член на баварците, играше со неколкумина од актуелниот состав на Флик, па ги познава и може да даде корисни разузнавачки информации. Освојувањето на ЛШ му е опсесија во кариерата, но и Џиџи Буфон е во слична позиција, и никако не успева да го оствари сонот.

- Оглас -

Најнови вести