Ноќ за паметење за Лилард: Одигра перфектна партија каква што не е видена во НБА (видео)

Демиен Лилард влезе во историјата на НБА-лигата со својата перфектна партија во победата на Портланд против Сакраменто од 132:126. Ѕвездата на Блејзерс ги потопи Кралевите со 40 поени и 13 асистенции, притоа во 42 минути поминати на паркетот не запиша ниту една грешка.

Тој е првиот кошаркар во најсилната лига кој остварил ваков учинок откако грешките се сметаат во личната статистика, почнувајќи од сезоната 1977/78. Лилард беше неприкосновен со 11/23 шутеви од игра, со шест погодени тројки и 12/12 од линијата за слободни фрлања.

Работите полека се враќаат на своето место. ЛА лејкерс со четвртата победа во низа се зацврсти на врвот на табелата во Западната конференција. Езерџиите ноќеска беа подобри од Оклахома со 128:99, меч во кој Џејмс блесна со 26 поени, 7 асистенции и 6 скока.

И Далас влезе во победничка серија во последните четири натпревари, по триумфот на гости кај Шарлот со 104:93. Хорнетс немаа решение за расположениот Лука Дончиќ, кој остана краток за една асистенција да оствари трипл дабл со 24 поени и 13 скока.

Останати резултати НБА:

Детроит 101:110 Милвоки, Њујорк 109:116 Бруклин, Минесота 107:118 Мемфис, ЛА клиперс 111:106 Пеликанс.

- Оглас -

Најнови вести