Ноќ за памтење: Ја победија Барселона и стигнаа до историска титула (Видео)

Екипата на Аукас стигна до најголемиот успех во клупската историја освојувајќи го пехарот наменет за шампионот на Еквадор. По малку е неверојатен фактот дека Аукас стигна до тронот, посебно ако се знае дека овој тим минатата сезона заврши на деветото место на табелата, а пред осум години играше во Серија Б.

До најпосакуваниот трофеј во Еквадор, Аукас стигна откако во двата меча во финалето, со вкупно 1:0 ја победи Барселона. На првиот меч Аукас победи со 1:0 на гости, а утрово на домашен терен одигра без голови и тоа беше доволно за да дојде до големо славење. Јунак во реваншот беше голманот на Аукас, Галиндез, кој успеа да го одбрани пеналот на Дијаз во 75-тата минута, со кој Барселона можеше да поведе со 1:0.

Првенството на Еквадор се игра од 1957 година, а рекордер по бројот на титули е Барселона со 15 трофеи, а потоа следуваат Емелек со 14 пехари, Ел Национал со 13, ЛДУ бил првак 11 пати, а Депортиво Кито има пет титули. Аукас со овој освоен трофеј им се приклучи на клубовите Депортиво Куенка, Олмедо, Делфин, Индепедиенте дел Вејл и Еверест, кои имаат по една шампионска титула.

Еквадор е земја која ќе игра на Мундијалот во Катар, а првиот меч ќе го игра против домаќинот Катар, и тоа на отворањето на 20 ноември. Во групата се и селекциите на Сенегал и Холандија.

 

 

- Оглас -

Најнови вести