Напаѓачот на Удинезе, Кинан Дејвис, го обвини дефанзивецот на Каљари, Алберто Досена, дека за време на натпреварот од Серија А во саботата го нарекол „мајмун“. Натпреварот заврши со победа на Удинезе од 2-0, додека Досена ги отфрли обвинувањата.
Во финишот на мечот, Дејвис, кој е со темна боја на кожата, видно реагираше и му посочи на судијата дека бил изложен на навреда. Напнатоста продолжи и по последниот свиреж, кога тој и Досена мораа да бидат раздвојувани од соиграчите.
По натпреварот, Дејвис објави стори на Инстаграм во кое директно го означи Досена и напиша:
„Овој расистички кукавица ме нарече мајмун денес на натпреварот. Се надевам дека Серија А ќе реагира, но ќе видиме.“
Досена, пак, околу еден час подоцна објави своја изјава во која ги негира обвинувањата:
„Обвинувањето за расизам ме растажува и ме повредува. Тоа е многу сериозно тврдење и никогаш не би ми паднало на памет да навредам некого на таков начин. Ова е првпат да морам да се бранам од вакво нешто. Таквото однесување е далеку од моите вредности и воспитување.“
И Удинезе излезе со соопштение во кое изрази поддршка за својот играч, без директно да го именува противникот, наведувајќи дека ќе го заштитат Дејвис и очекуваат брза реакција од спортските органи.
Од страната на Каљари, тренерот Фабио Пизакане и неколку соиграчи застанаа во одбрана на Досена, истакнувајќи дека му веруваат и дека го познаваат како личност со силни вредности.
Во меѓувреме, Николо Ѕаниоло од Удинезе дополнително го засили инцидентот со објава на Инстаграм, во која тврди дека Досена навредувал и членови на неговото семејство, како и дека се однесувал расистички кон Дејвис.
Случајот сега останува отворен и се очекува реакција од дисциплинските органи на италијанскиот фудбал.

