Нова тениска ѕвезда на повидок, го елиминираше Циципас, а Гркот призна: Не сум видел вакво нешто

Шпанскиот тинџејер Карлос Алкараз, во пет сета го елиминираше третиот носител на САД опен, Стефанос Циципас, и го приреди најголемото изненадување на последниот грен-слем годинава.

Алкараз го доби првиот сет и го најави изненадувањето. Гркот постојано беше во негатива, но стигнуваше, па одлучуваше петти сет, во кој мораше да се игра и тајбрејк. Алкараз ја имаше поддршката и од навивачите, а по завршувањето на мечот, рече дека не му се верува што направил.

Пред една година Алкарас беше под 300-тото место на АТП листата. Во 2020 година освои три Челинџери, а во 2021 освои АТП титула на турнирот во Умаг, а после успехот над Циципас, си загарантира влез во топ 50. Негов тренер е некогашниот светски рекет број 1, Хуан Карлос Фереро.

На САД опен, уште од 1989 година немало толку млад осминафиналист, а на грен-слемите од 1992 наваму. Циципас е воодушевен од 18-годишниот Шпанец.

„Не сум видел досега некој толку силно да го удира топчето, брзината беше неверојатна. Истотака, не сум видел некој толку добро да игра во петти сет, играше како да е прв. Не верував дека во петтиот сет ќе игра толку добро после загубениот четврти со 0-6. Во последниот сет како на терен да излезе друг тенисер. Знае и да се справи со притисокот, тоа ќе го направи врвен играч кој ќе освојува големи турнири“ – изјави Циципас, на кого традиционално не му оди на САД опен.

Следен противник на Алкараз е 141-виот на светот, Германецот Петер Гојовчик.

И на женскиот дел од турнирот се случи сензација. Елиминирана е ланската победничка Наоми Осака. Јапонката загуби од 18-годишната Канаѓанка Лејла Ани Фернандес, за која ова е најголем успех во кариерата. Во следното коло, Фернандес ќе игра со Анжелик Кербер.

- Оглас -

Најнови вести