Новата ѕвезда на Реал Мадрид имала договор со Челзи, но еве како пропаднал трансферот

Новата бразилска фудбалска ѕвезда, 17-годишниот Ендрик, налето ќе пристигне во Мадрид и во иднина ќе настапува за славниот Кралски клуб. Сепак, неговиот татко открива дека веќе имале договор со Челзи, кој иако не бил потпишан, бил многу блиску до реализација.

Тие дури биле и во Лондон за да се запознаат со клубот, да видат каде ќе живее нивниот син, дури и во која црква ќе оди.

„Добивме повик од сопственикот на Челзи да одиме да ги видиме клубот и земјата. Го гледавме натпреварот против Арсенал, се запознавме со тренерот, просториите на клубот, Жоржињо, Аспиликуета и Тијаго Силва. Сè беше подготвено, ни ја претставија и личноста која ќе ни помага, ни ја покажаа куќата, училиштето и црквата. Сè беше договорено помеѓу нас и Челзи“, вели Даглас Соуса, таткото на Ендрик.

Сепак, во последен момент сè се променило, а во трката по потписот влегол и Реал Мадрид.

„Сè се промени во последен час. Нема да кажам комплетен пресврт бидејќи немавме потпишано, но договорот беше многу блиску. Веќе се подготвувавме за живот во Лондон и за ладното време таму. Но, во сред ноќ нашиот агент нè извести дека Челзи се повлекува бидејќи сметале дека понудата од 60 милиони евра за 16-годишен фудбалер е премногу. Потоа се појави Реал и сега веќе сè е готово“, додава тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести