Нови „аудиобомби“, Флорентино ги навредувал и Кристијано Роналдо и Мурињо

Скандалот кој излезе во јавност со „аудиобомбите“ во кои претседателот Флорентино Перес во 2006 година ги навредува најголемите легенди во поновата историја на Реал Мадрид, Раул Гонзалес и Икер Касилјас, се прошири со објавување на нови снимки, на кои се слуша како ги навредува Кристијано Роналдо и Жозе Мурињо. Овие снимки се од октомври 2012 година, кога двајцата Португалци беа во Кралскиот клуб.

Перес вчера се огласи преку соопштение во кое вели дека знае кој го снимал, дека изјавите му се вадени од контекст и дека преку ова се води војна против него поради учество во формирањето и промовирањето на Супер Лигата. Перес најави и тужби за медиумот кој ги објави снимките, но тоа не стави крај на скандалот.

Денеска е објавена снимка во која Перес зборува негативно за Роналдо и Мурињо.

„Кристијано е луд, идиот, болен човек. Мислиш дека е нормален, но не е. Ако беше нормален, немаше да прави работи какви што прави“, рекол Флорентино за првиот стрелец во историјата на Реал, кого го продаде во 2018 година, а му замерува и што возел без возачка дозвола.

Не е поштеден ни тренерот Мурињо.

„Мурињо е идиот. Тие двајца имаат ужасно его, не ја гледаат реалноста бидејќи да беше поинаку, ќе заработеа повеќе пари. Абнормални се, зборуваме за многу пари од продажба на права за фотографии. Со лицата кои ги имаат и начинот на однесување, никој не ги сака. Кога јавноста е против тебе, против е, не може да се смени тоа“, вели Перес.

- Оглас -

Најнови вести