Нови проблеми за Нејмар: Поради објави на „Твитер“ може да добие суспензија

Нејмар може да добие суспензија до два натпревари поради вчерашните објави на неговиот твитер-профил кои ги пишуваше во текот на дербито меѓу Барселона и ПСЖ.

Најскапиот фудбалер во светот остро реагираше на одлуката да се додели пенал во корист на Барселона, по што напиша „ова е шега од пенал“, а потоа и „ср*ње гол“ во моментот кога Меси погоди за водство на Каталонците. Објавите ги избриша набрзо потоа, меѓутоа дел од неговите следбеници ги сочуваа коментарите и ги проследија до јавноста.

УЕФА многу веројатно ќе покрене истрага, што би било проблем за Нејмар доколку добие суспензија. Доколку биде казнет, Нејмар може да го пропушти и четвртфиналето во ЛШ, во случајт дотогаш да ја надмине повредата на бутниот мускул.

Инаку нема да му биде првпат да се соочи со санкции околу објави од сличен тип. Нејмар заработи суспензија од три меча во март 2019 година, која подоцна беше намалена на два натпревари, поради острите реакции околу арбитражата во реваншот меѓу ПСЖ и Манчестер јунајтед, кога гостите во судиското надополнување со гол од пенал на Рашфорд го елиминираа францускиот првак во осминафиналето.

- Оглас -

Најнови вести