Англија по втор пат во последните две европски првенства ќе игра во финалето. Пред три години, Англија на својот „Вембли“ во драматичен меч на пенали загуби од Италија. Сега Гордиот албион ќе игра против Шпанија на неутрален терен во Германија, а сонот на сите фанови на Англија е за прв пат во историјата да стигнат до континенталниот трофеј.
Англија синоќа со 2:1 славеше над Холандија и тоа благодарение на голот на Оли Воткинс во 90+ минута. Воткинс на теренот влезе неколку минути претходно и кога сите очекуваа да има продолженија, тој погоди за победа на Англија.
Интересно е дека Вокинс досега на ова ЕП одигра само 22 минути. Освен синоќа против Холандија, шанса доби само уште на дуелот против Данска. Сега е херој на сите фудбалски фанови на Англија, а интересно е дека овој играч на Астон вила, со фудбалот започнал сосема случајно.
„Еден мој другар кој одеше на тренинг, дојде кај мене пред куќа и ми рече „зошто и ти не дојдеш?“ Го послушав и отидов. Се приклучив на тимот на Њутн таун и ми се допадна. Тоа веројатно беше една од моите најдобри одлуки во животот“, се сеќава Воткинс.
Скаути на Ексетер сити го приметиле неговиот талент, но Оли не можел да се привикне на новата средина, па две и пол години апстинирал од фудбалот. Потоа се вратил во тимот на Ексетер и на 14-15 години започнал посериозно да тренира.
Во 2017 година направи трансфер во Брентфорд за кој одигра три сезони и постигна 45 гоолови во 132 меча. Тоа беше доволно да го привлече вниманието на Астон вила, кој го доведе во своите редови, а Воткинс во деби мечот постигна гол.
На 4 октомври 2020 година Воткинс беше еден од креаторите на историската победа од 7:2 против Ливерпул, кога тој постигна три погодоци. Благодарение на одличните игри во дресот на Астон вила, во 2021 година доби повик за националниот тим. Дебитираше против Сан Марино и буквално со првиот шут кон голот, успеа да погоди.
Сепак, Воткинс не беше во составот на Англија за настап на Светското првенство во Катар, но тоа не го разочара туку продолжи да работи уште повеќе. Во сезоната која што измина, со Астон вила стигна до четвртото место во Премиер лигата и се избори за пласман во Лигата на шампиони, а беше повикан и за настап на ЕП. Сега, не само што игра, туку тој го даде и голот со кој Гордиот Албион се пласираше во финалето на континенталниот собир.
Интересно е дека пред мечот со Холандија, Воткинс на Кол Палмер му рекол „Двајцата ќе влеземе во игра и ти ќе ми асистираш за да дадам гол“.
На крајот така и се случи, Палмер асистираше, а Воткинс погоди за победа од 2:1.