Новиот лик на Македонија: Барди ќе диригира, Јаховиќ, Чурлинов, Елмас и Трајковски се покерот за победа (Фото)

Новиот лик на Македонија ќе го означи дебито на Благоја Милевски како нов селектор, и тоа вечерва на дуелот со Ерменија од 20.45 часот на Националната арена „Тодор Проески“.

Милевски сака да се игра офанзивно, со таков пристап испиша историја со младинците и настапот на Европското првенство во Полска пред четири години, па не отстапува од својата фудбалска филозофија.

Против Еременците веројатно ќе играме со четворицата офанзивци, Јаховиќ како шпиц, позади него Чурлинов и на крила со Елмас и Трајковски во формацијата 4-2-3-1.

Во одбраната ќе има промени и веројатно ќе се почне со четворица дефанзивци, а за да се сопрат опасните Ерменци, кои се лидери во нашата група, ќе бидат задолжени новиот капитен Стефан Ристовски како десен бек, Џани Алиоски на спротивната страна и стоперите Висар Муслиу и Дарко Велковски.

На голот стандардно ќе биде Столе Димитриевски, чуварот на мрежата на шпанскиот прволигаш Рајо Валјекано и најдоброоценетиот голман во првите три кола на Ла Лига.

Во средниот ред како командант и еден од новите лидери во репрезентацијата ќе игра Енис Барди и до него Тихомир Костадинов. Адис Јаховиќ се враќа во репрезентацијата и ќе биде задолжен за голови, а зад него ќе биде членот на Шалке 04, Дарко Чурлинов.

Елиф Елмас е во одлична форма и тој заедно со Александар Трајковски ќе бидат задолжени за пробиви по крилните позиции.

Милевски го наследи Игор Ангеловски и вечерва ќе дебитира како селектор на сениорската репрезентација, а одлично ги познава репрезентативците.

Дури петмина од најавениот стартен состав и вкупно десетмина што конкурираат за настап против Ерменија беа дел од младата селекција, која во 2017 година беше прва во нашата историја што играше на големо натпреварување, на ЕП во Полска.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести